
Во време кога сè се споделува, кога се брои секој лајк, кога луѓето ја мерат блискоста со бројот на реакции, останува едно прашање што одамна ме преокупира: Каде е интимноста? Каде е она лично, тивко, недопирливо, што постои само за нас и за оние најблиски?
Сè почесто сведочиме како големи празници, особено религиските, стануваат повод за масовни објави. Се редат фотографии, цитати, благослови. И сè е тоа во ред – сè додека доаѓа од вистинско место. Но она што ме замислува е кога таквите гестови се претвораат во натпревар: кој ќе објави порано, поубаво, покреативно. Празникот, кој треба да биде момент на внатрешна светлина, мир и поврзаност со себе, со својата вера или духовност и со најблиските, сè повеќе се изложува на светло кое не топли – на светлото на екранот.
Духовноста, како и припадноста, е интимна работа. Таа не бара верификација преку социјални мрежи. Славењето на некој празник или светец е прашање на личен избор, вера, семејна традиција, љубов, сеќавање. Тоа не мора сите да го знаат, не мора сите да го одобрат. Понекогаш, токму најголемата светлина тивко свети во срцето на човекот.
Слично размислувам и за прашањата поврзани со родот и полот. Во време кога сите се чувствуваат повикани да коментираат, осудуваат или пак да „прифаќаат“ нешто што, во суштина, не е нивно да го оценуваат – останува истото прашање: зошто мора сè да биде изложено? Секоја личност носи сопствен идентитет, приказна, љубов, болка, надеж, стремеж. Зарем не е доволно тоа што сме тука едни покрај други – па да постапуваме човечки, отворено и со разбирање? Што прави разлика со кого некој ќе замине дома, ако додека сме заедно – има почит, топлина и насмевка?
Домот е свето место. Идентично, и телото, срцето, љубовта. Ако нешто е толку лично, зошто го отвораме за сите? Ако навистина сакаме да изградиме општество со љубов и поддршка, првиот чекор е да се воздржиме од осудување и да се отвориме за разбирање. Се прашувам каде исчезна сочувството, каде е вистинската почит?
Денес, дури и чувствата ги сведовме на емоџи. Сме замениле зборови со симболи, искрени гестови со клик. Нели е тоа знак дека сме се оддалечиле од себеси и од вистинските средби? Понекогаш, токму тишината е најголемиот глас. Наместо зборови, да се сретнеме да размениме топлина со поглед. Наместо декларативни изјави – да покажеме на дело.
И токму затоа сакав ова да го напишам денес.
Велигден не е само одбележување на најголемиот празник. Тоа е потсетник за нов почеток, за верба, за воскресение на човечноста во нас, на љубовта која не бара доказ, туку се чувствува, на простувањето кое не се објавува, туку се дарува, на светлината која не заслепува, туку нежно не грее.
Токму така, за некого, Велигден е воскресение. За друг, спокој. За трет, нов почеток. А за сите нас – нека биде потсетник дека човечноста, љубовта и вистинската блискост не бараат сведоци, туку присуство.
Нека овој празник и секој празник биде твоја внатрешна светлина. Нека секој ден започне со љубов. И не заборавај – она што е свето е длабоко итимно и најубаво е кога е тивко.
Среќен Велигден – нека твојата душа ги избере најубавите бои и најблескавата светлина!
До следното читање,
Сунчица