Денес е 4 мај, ден кој во мене буди сеќавања, а најгласни денес се оние што се однесуваат на двајцата великани во историјата: Гоце Делчев и Јосип Броз Тито. Двајца различни по време во кое живеат, околности и мисија, но во мојата перцепција обединети во еден заеднички стремеж – слобода, достоинство, заедништво.
Гоце Делчев бил учител, револуционер, визионер. Човек кому му се припишува мислата:
„Јас го разбирам светот како поле за културен натпревар на народите.“. Изјава која за мене е длабока филозофија за иднината на човештвото: свет кој се базира на почит, разбирање, етика, достоинствено постоење на секој народ и на секој човек.
Јосип Броз Тито и денес е симболот на антифашизмот, на идејата за братство и единство на народите и народностите во Социјалистичка Федеративна Република Југославија (СФРЈ). Концептот на СФРЈ беше обид за создавање на праведно општество, базирано на вредности каде идеалот беше секој да придонесува според можностите, а да зема според потребите. Замислена беше како заедница што расте и се развива преку заедничка грижа, солидарност, хуманост, разбирање и поддршка.
Но денес…
Во свет каде што сè ни е достапно, каде што живееме „поврзани“, дали навистина сме поблиску до некаков похуман, подостоинствен живот?
Дали го гледаме другиот, или само себе? Дали навистина веруваме во заедништво, во општество, или веќе одамна живееме рутински?
Мојот личен став е јасен, за мене свесноста не е луксуз, туку лична обврска.
Општествениот ангажман не треба да биде професија, туку природен дел од секој свесен човек, од секој поединец во заедницата. А сè почесто сме сведоци дека дури и најосновните гестови на грижа, добрина, човечност или лична одговорност се перцепираат како наметната должност или како „услуги“ – нешто што мора да се наплати, да се продава.
Зошто го прифативме консумеризмот како темел на нашите животи, на нашето секојдневие?
И уште пострашно – зошто дозволивме да ни ја узурпира личната слобода, да не управува, да ни диктира вредности, избори, идентитет?
Знам дека ова е комплексно прашање кое нема едноставен одговор, ниту пак одговорoт може да дојде од поединецот, или од мене. Но верувам дека решението започнува токму тука – во мене, во секој од нас, во поединецот што се осмелува да праша, да се преиспита, да дејствува.
Нека овој 4 мај биде потсетник дека не ни треба многу за да бидеме среќни, и најмалку ни треба нова револуција со оружје, но секако насушно ни треба револуција на умот, на духот, на доблеста, на човечноста.
Да бидеме поблиску еден до друг, да создаваме заедници во кои поединецот не се мери според профит, туку според интегритет и лични квалитети.
Да бидеме свои, секој од нас нека го пронајде гласот кој ја поттикнува свесноста, ја презема одговорноста и се води според вистинските човечки вредности.
До следното читање,
Сунчица
