Blog Content

Home – Blog Content

Телото знае

Постојат моменти во животот кога чувствувам дека сум најжива – кога сè во мене пулсира со целосна будност и свесност. Тоа се оние моменти кога телото ми е исцрпено, чинам до крајни граници, а умот остар. И тогаш немам простор за двоумење, туку само за присуство, сега и овде. И пред некој ден, во еден таков момент, како на празна табла ми се испиша едно длабоко, но вистинито спознание:
јас ги сакам предизвиците што бараат психофизичка будност. Ги сакам ситуациите во кои телото ми бара издржливост, дури и не размислувам дали телото реално може, а умот ми служи како најпрецизен навигатор – рационален, јасен, непоколеблив.

Во такви моменти и особено состојби, во мене се буди нешто исконско. Не знам дали е тоа вродена сигурност во себе и сопствеите капацитети, инстинкт за преживување, или нешто уште подлабоко – нешто што доаѓа од векови тишина. Можеби токму во тие моменти, кога сум на работ на таков напор, јас станувам најблиску до мојата суштина, до она што навистина сум јас.

Научно е докажано дека токму во екстремни ситуации, човечкото битие активира механизми што инаку би останале заспани, ими можеби се само дремливи. Телото си знае. Умот рационално следи. Сетилата максимално се на „готовс“, што би рекле во детски жаргон. Информациите се слеваат како брза река. Просторот и времето се прилагодуваат, се шират и се собираат. Се отвора една внатрешна врата низ која се препознавам себеси, но поинаку – во тие моменти јас сум интуитивно, подготвено, и целосно присутно битие.

Многумина денес, на различни начини, се изложуваат на секакви предизвици – некои преку спорт, други преку патувања, некои преку доброволно преминување на свои граници. Секој таков потфат некогаш се граничи со луда храброст. Понекогаш тоа го нарекуваме личен развој. Понекогаш – потрага по себе. Но сите тие такви искуства имаат едно нешто заедничко: тие не’ враќаат во телото. Во сега. Во прашањето – „Која или кој сум јас кога нема простор за маски?“

А од другата страна, во секојдневието, се случува спротивното: врз основа на околностите и ситуациите нашиот ум постојано му сервира на телото чувство дека е загрозено – дури и во најобични ситуации. Сообраќајна гужва, порака без одговор, туѓо мислење, ситна забележка, неодмерен збор, мала критика – и ние веќе сме во „паника“, се вклучуваат механизмите кои буквално вриштата и сигнализираат како да се работи за прашање на живот и смрт. Создаваме внатрешен аларм таму каде што нема реална опасност. И тука е предизвикот со кој никако да се соочиме – речиси никогаш не се прашуваме што научивме од тие „лажни аларми“, туку откако ќе поминат ги игнорираме и ги третираме како нормалност. И така, несвесно, стануваме заробеници на сопствениот одбранбен систем.

И ретко, да не речам никогаш, не зборуваме за тивките херојства. Оние кои ни се секојдневие, а не ја рабираме и не ја сфаќаме нивната големина.
Еве некои од тие премолчани ситуации на вистински херојства:  жената која раѓа нов живот, додека телото ѝ минува низ граници што науката едвај ги разбира; мајката која останува смирена додека нејзиното дете е во опасност. Тоа е таа древна сила што не доаѓа со врева, туку со целосна мобилизација на љубовта, инстинктот и подготвеноста. И да, навистина телото знае.

И тука доаѓа најважното прашање:
Кога ќе ги препознаеме тие моменти во себе – дали умееме да ги сублимираме, да извлечеме поука од нив за да знаеме како да ги искористиме?
Дали умееме да изградиме од нив еден нов, свесен, јасен поглед на сопственото битисување и да си живееме убав живот?
Живот што нè исполнува. Живот што ја храни нашата душа, живот во кој кога ќе речеш Јас навистина значи Јас.
Живот кој го споделуваме и им го даруваме на оние што најмногу ги сакаме.

Телото знае.
Прашаето е – дали ние знаеме да го слушаме?

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

en_USEnglish